Interview. Online Invisibility, the next trend on the internet (2017) in Macedonian





Интервју: Онлајн невидливоста ќе биде следниот битен тренд на интернет.

Разговор со Стојан Синадиновски
Објавен на Makfax/makfax.com.mk
Датум: 31 мај 2017

линк овде.











Летово покренувате своевидна акција на омасовување на психоанализата низ одржување бесплатни курсеви низ земјава. Зошто? Која е идејата?

Ова е се’ уште идеја во зародиш. Започна како иницијатива на студентите на Филолошкиот факултет кои слушаат изборен курс за теориска психоанализа кај мене. Се роди едно попладне пред крајот на академскава година, кога интензивно дебатиравме над еден текст од Фројд на тревникот во кампусот на УКИМ. Никој не сакаше да си оди дома, иако терминот за часовите одамна беше поминат, па решивме да продолжиме со неформални средби по учебната година. Форматот не е нов. Мислителите-добронамерници со вековите го култивирале мислењето надвор од академиите, каде мислењето е слободно и не го корумпира болеста на кариеризмот. Лично го замислувам како клуб за размислување околу теориската психоанализа. Како кога „Валден“ од Хенри Дејвид Торо би се сретнал со Фројд. :) Започнуваме штом заврши испитната сесија, на крајот на јуни или од септември.

Се има впечаток дека сте повеќе ценети и објавувате повеќе во странство отколку дома. Погрешен впечаток?

Ми се чини дека подеднакво ме има и дома и надвор. Впечатокот за поголемото присуство надвор веројатно се должи на последната книга, што ја пишував дирекно на англиски. Станува збор за супспецијалистичка студија за статусот на материјалните добра во опусот на данскиот филозоф и теолог од 19 век, Сорен Киркегард. Ми беше најлогично да ја напишам за публика што ќе знае поточно да ја процени и да ја употреби, ако во неа има нешто важно. Книгата излезе пред неколку месеци со Тринити Колеџот од Торонто. Во јуни излегуваат и првите рецензии од американски Кјеркегоријанци. Од тоа што го видов, тие го фалат истражувањето како ново и провокативно, а го критикуваат издавачот заради едитирањето. Лично бев пресреќна. Американските рецензенти се сурови, но прецизни и професионални, дури и кон своите издавачи и институции. За нив лажна позитивна критика е минус за нив самите. Како мала средина, ние сме навикнати да зборуваме во суперлативи за сечие дело. Но, во светот не е така.

Натпреварувањето на глобален терен е тешко, но дава поточен увид каде стоиш со својата работа. Овие децении се појавија успешни македонски писатели од дијаспората, кои пишуваат за македонската публика. Јас одлучив да направам обратно. Да останам дома и да пишувам за светот. Испадна дека може и така. Живееме во ера кога секој може да биде дел од некаков претпоставен глобален, модерен и мобилен „универзитет“, каде националните рамки се неважни пред делата.

Во мојот случај, никому не му беше особено важно тоа што сум атеист, што се занимавам со книжевност, психоанализа и родови студии, што не сум филозоф по тренинг, што не сум од Данска, итн. Ги интересираше само мојот продукт. Така го сфаќам културниот натпревар помеѓу луѓето, според визионерската теза на Гоце Делчев.

Ако во случајот со вашиот татко, поетот Јонче, станувало збор за „Комунистичка интима“, како што гласеше и вашата книга - инспирирана од работата на комунистичките тајни служби, кои досието за Јонче го насловиле „Интимист“, според интимната поезија што ја пишувал - како би го нарекле масовното тајно следење на комуникациите на граѓаните изминативе години?

Првите идеи што ми паѓаат на ум се пост-комунистичка интима, прото-комунистичка интима, можеби тоталитарна интима?

Ако во сите 45 години од македонскиот комунизам (1945-1991), тајните служби произвеле 14,572 официјални лични досиеа, или околу 50,000 досиеја (според неофицијални извори), тогаш следењето на над 20,000 граѓани во нешто над шест години (2007-2013), иако процесот веројатно траел и потоа, ние зборуваме за нова форма на „тоталитарна интима“. Таа се манифестирала преку масовна злоупотреба на државната моќ за прикривање убиства, уценување бизниси, создавање елаборирани мрежи за крадење на изборите, контрола над медиумите и судството, огромно лично богатење, итн. Веќе знаеме дека буџетот за ДБК во 2008 беше зголемен за 60 пати во однос на претходната година, иако во 2007 на земјава не и’ се закануваше никаква надворешна или внатрешна безбедносна криза.

Тајните служби, без исклучок, се формираат за контрола над т.н. „внатрешен непријател“, оние што власта ги прогласила за свои непријатели.





Во есејот „Нож зад грбот“ велите дека 20-тиот век ја омасови културата на тајните служби, па денес во 21-от век ние самите сме си сопствени тајни агенти кои редовно ги информираат сите за нас самите, преку социјалните мрежи. Што е следно во еволуцијата на личните комуникации и тоталитаризмот?

Статусот на приватноста е променет најмалку трипати овие две децении, колку што активно следам.

Кога се појавија првите интра-нет форуми (Ѕуница BBS, Информа BBS, и други) во средината на 1990, пред да појавата на мас-интернет во Македонија, беше нешто како општо догма дека секој од нас е одговорен да ја штити својата приватност на интернет.

Втората промена настана со фејзбук, твитер, инстаграм и другите социјални мрежи. Денес луѓето масовно ја споделуваат својата приватност, како дел од посакуваниот идентитетен пакет.

Третата промена е нешто што веќе подолго време се раѓа. Мојот син (13 години) и неговите пријатели кои припаѓаат на гејмерските заедници, немаат лични профили на ниедна социјална мрежа. За нив анонимус е поатрактивна идеја. Важна им е не моќта на аватарите, туку внимателното изолирање на нивните офлајн и онлајн идентитети. Сигурна сум дека ова не го избираат особено свесно. Веројатно е следниот важен глобализациски тренд. Онлајн невидливоста ќе биде следниот битен тренд на интернет, секако каде и колкушто се може, бидејќи нема да може целосно.

Во „Комунистичка интима“ забележувате дека, парафразирајќи ја „Филозофијата на паланката“ (Радомир Константиновиќ), кај нас и комунизмот не можел да помине без паланечкиот формат на ситни денуцијации. Каква е филозофијата на паланката на нашата денешна капиталистичка интима?

Либералниот капитализам ги претвори нашите домови во јавни простори, и ги принуди луѓето да ставаат камери и приватноста да ја емитуваат на интернет. Комунизмот наивно веруваше дека ќе ја уништи приватноста ако физички ги нападне домовите и ако луѓето ги извлечка во фабричките сали, на стадионите, во колективните летни одморалишта и зимувалишта, на слетовите, итн.

Капитализмот беше многу поперфиден и многу поефикасен. Ако никој не ме стави под лупа, самата ќе поставам камера и ќе се емитувам себеси на интернет 24/7. Некој ќе мора да ме види. Видливоста стана дел посакуваниот идентитетен пакет. А бидејќи нашето постоење во реалноста е паланечко, логично е и нашето постоење во виртуелноста да биде паланечко. Тука нема некое големо изненадување.

Во поголемата слика, сепак, и покрај отпорот, сметам дека битката за приватност е генерално изгубена во светски размери. Интимноста и по дефиниција не е нешто што им припаѓа на луѓето. Интимата е само место што сум го оградила од светот и последователно сум го прогласила за „приватно“, но општеството секако ќе ми упаѓа во тој заграден простор, тоа е така отсекогаш.

Денес, пак, а особено откако пред некоја година компјутерите победија во најстарата стратешка игра на светот „Го“, луѓето повеќе немаат начин да ја победат вештачката интелигенција. Алгоритмите за препознавање нечиј идентитет според онлајн интересите се елаборирани до непобедливост. Дури и утре да смените место на живеење, име, адреса, не е важно. Вештачката интелигенција ќе го лоцира вашиот точен идентитет со тој онлајн, само според тоа што го кликате на интернет. Не знам како ќе изгледа светот во иднина, но тоа нема да биде свет во кој ќе има особена приватност.

Пред неколку години констатиравте дека „Македонија е заложник на сите свои минати влади, не многу поразлична од отоманската, ниту од комунистичката Македонија“. Денес? Каква ќе биде утре?

Нам ни недостасува критична маса, и тоа е класичен проблем со македонската држава. Со 2 милиони граѓани, ние сме едвај предградие на кој било поголем кинески град. Не знам каква ќе биде идната Македонија, но за мене би било идеално ако е тоа дел од Европската Унија. По Брегзит и по победата на Трамп во Америка, ЕУ се позиционираше подобро како глобална политичка супер-сила. Мислам дека е тоа добро за нас, и покрај сомнежите што во минатото ги имавме кон бирократијата на ЕУ. ЕУ е федерација, а федерациите се бавни. Но, во бавноста- има мудрост.


За нас ќе биде идеално да станеме дел од европското семејство, политички, економски, културно. Наша среќа е што сме дел од европскиот континент. Тоа гарантира стабилност, а конкретно видовме што тоа значи овие години на продолжена политичка криза со авторитарниот режим на Груевски. По сите бавни и внимателни политички потези на светската дипломатија, и ЕУ и Америка, секоја засебно и заедно, сепак успеаја, без крв и без граѓанска војна, да го размонтираат сериозниот авторитарен режим на Груевски и Мијалков. Сега на нас останува врз тие темели да ги вратиме владеењето на правото, кажувањето не за клиентелизмот, корупцијата и лошите практики од минатото.

 

Post a Comment